Црвена звезда декласирана среде Белград од Ефес

На серијата од седум победи на Црвена звезда во Евролигата вечерва и дојде крајот, откако шампионот на АБА-лигата неочекувано лесно и убедливо загуби на домашен терен од Анадолу Ефес со 72-86. „Црвено-белите“ во овој меч влегоа мачејќи се со бројни проблеми со повредите, што се одрази врз нивната игра и беше искористено од страна на одличниот турски прволигаш, кој одигра одличен меч и на крајот заслужено дојде до победата.

Како пресуден се покажа фуриозниот финиш на првото полувреме, во кое Ефес со извонредна игра во нападот во последните неколку минути на одмор замина со 36-47. Потоа избраниците на Перасовиќ ја стартуваа и третата четвртина со серија од 0-7, уште повеќе зголемувајќи ја предноста. „Црвено-белите“ конечно одиграа квалитетна одбрана, седум минути не дозволувајќи му на противникот да постигне поени, но разликата се спушти само на шест поени. Ефес во вистински момент се разбуди, па со одлична игра во четвртата четвртина повторно стигна до убедлива позитива, што на крајот изнесуваше конечни 14 поени разлика.

Како пресуден се покажа очајниот шут од далечина (3/16) на белградскиот состав, наспроти далеку попрецизните обиди за тројка на гостите од Турција (9/24). Браун со 20 и Данстон со 16 поени беа најефикасни кај Ефес, а одличен беше и Ертел, кој ја искористи повредата на Јовиќ и доминираше при организацијата на нападот на својот тим, реализирајќи 12 поени и 15 асистенции. Кај Црвена звезда најефикасен повторно беше Симоновиќ со 17 поени, пред Џенкинс со 13.

Реал Мадрид ја мина ЦСКА Москва и се искачи на првото место на табелата откако „кралевите“ вечерва славеа на гостувањето против Басконија со 71-79. Гостите од Мадрид водеа во текот на целото шпанско дерби што се играше во Виторија, на крајот заслужено стигнувајќи до својата 16. евролигашка победа сезонава. Лука Дончиќ одигра уште еден фантастичен меч, стигнувајќи до 30 ранкинг поени откако за неполни 25 минути игра постигна 16 поени, надополнети со девет скока и шест асистенции.

Панатинаикос како гостин славеше во Истанбул против екипата на Галатасарај со 79-84. По израмнетото прво полувреме „зелено-белите“ посериозно се одлепија резултатски во третиот период, создавајќи си одлична предност што и покрај налетот на домаќините во самиот финиш успеаја да ја претворат во конечна победа. Мајк Џејмс со 18 поени беше најефикасен кај победничкиот тим, пред Синглтон со 15, додека прв стрелец на Галатасарај беше Плајс со 15 поени.

Се вчитува...