Актуелниот шампион во АБА лигата, Црвена звезда триумфираше над македонскиот претставник МЗТ Скопје со резултат од 112-73 (28-23, 30-23, 33-8, 21-19) . „Црвено-белите“ без својот најефикасен кошаркар, Тејлор Рочести и екс-репрезентативецот на Македонија, Перо Антиќ без поголеми проблеми го совлада македонскиот првак во салата „Александар Николиќ“ во Белград, во рамките од шестото коло во Јадранската лига.
Екипата на Црвена звезда делуваше надмоќно уште на стартот од мечот, ги натераа кошаркарите на МЗТ да направат неколку грешки по кои го губеа поседот на топката, а Матија Лесор по шест минути игра имаше 10 поени, исто колку што постигна и целиот тим на Тодоров. Светла точка на „аеродромци“ беше Бојан Трајковски, кој го одржуваше својот состав во игра со 10 поени и две постигнати тројки. Aктуелниот шампион на АБА лигата имаше предност од пет поени по првите 10 минути, при резултат од 28-23.
По три минути игра во втората четвртина, Фелдин ја погоди првата тројка за „црвено-белите“ на средбата и така за прв пат му донесе на својот тим двоцифрена предност. Првиот стрелец до тогаш на средбата, центарот Лесор создаде проблеми за составот на Алимпијевиќ откако ја направи третата лична грешка уште пред полувремето, но неговото отсуство не се почувствува на паркетот, па Звезда на пауза замина со солидна предност од 12 поени, односно 58-46.
Фуриозниот старт на Звезда во второто полувреме им донесе до тогаш највисока предност од 29 поени разлика по серијата од 19-2, а тие два поени беа единствени за МЗТ по шест минути во третиот период. За 30 минути игра Звезда постигна 91 поен, па во последниот период МЗТ немаше сили да ја достигне огромната негатива од 37 поени. До крајот на средбата Звезда кон мирен крај го приведе мечот, па со конечни 112-73 ја забележа четвртата победа во АБА лигата за оваа сезона.
Бојан Трајковски беше најрасположениот кошаркар во составот на МЗТ, со 30 поени и 7 скока, а Лалиќ додаде 14. За тимот на Црвена звезда само Марко Кешељ не успеа да запише поени, додека најефикасен беше Радичевиќ со 17 поени, Фелдин заврши со 15 поени, Лесор постигна еден помалку уште во првото полувреме.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА