„Црвено-црните“ го средија Кубан на стартот од „Турнир Вардар“

Ракометарките на Вардар успешно го стартуваа турнирот во организација на „црвено-црниот клуб“, откако во денешниот премиерен дуел го совладаа тимот на Кубан со резултат 37-32. Играта во нападот на „вардарки“ делуваше импресивно се до 50. минута, лесно се создаваа ситуации за гол, а цврстата одбрана во вториот дел овозможи и лесни погодоци од контри и полуконтри, за лесна победа во овој контролен дуел и потврда на високата класа на македонскиот првак и пред новата натпреварувачка сезона. Падот на концентрацијата во финишот е очекуван, но и предупредување за отстранување на грешките пред стартот на официјалните натпревари.

Македонските шампионки имаа мали проблеми на стартот, па гостинките го искористија тоа и подобро го отворија мечот. Сепак, Суслина одбрани зицер при резултат 2-4, по што играта и резултатот се свртеа во полза на „вардарки“, кои со погодокот на Пенезиќ стигнаа до прво водство на натпреварот од 5-4. Нападот почна да функционира беспрекорно, Радичевиќ постигна неколку погодоци, па и покрај проблемите што Русинките ги создаваа со „брз центар“, „црвено-црните“ сепак со полетна игра заслужено заминаа на одмор со предност од 19-16.

Второто полувреме беше само рутина, македонскиот првак не само што ја одржуваше, туку и дополнително ја зголемуваше на предноста, па на десет минути до крајот преку Сара Ристовска македонскиот шампион првпат дојде до „плус десет“ (33-23). Во самиот финиш дојде до мал пад на концентрацијата во таборот на „вардарки“, што придонесе гостинките за пет-шест минути да ја преполоват предноста, па мечот да заврши со конечни 37-32.

Во првиот натпревар од „Трофеј Македонија“ екипата на Ростов Дон славеше над ЧСМ Букурешт со 29-26, со пресврт во второто полувреме откако на одмор се замина со предност на романскиот тим од 11-15.

Се вчитува...