Тухел: Аталанта игра уникатен фудбал, нема да ни биде лесно

Шефот на стручниот штаб на ПСЖ, Томас Тухел, ги предупреди своите избраници дека ќе имаат тешка задача на утрешниот дуел со Аталанта. „Светците“ ќе ја имаат фаворитската улога на овој меч што ќе се игра на неутрален терен во Лисабон, но Тухел е свесен дека Аталанта ќе ја казни секоја грешка што ќе ја направат неговите избраници.

„Ќе биде тешко бидејќи против себе имаме незгоден ривал. Аталанта игра уникатен фудбал и знае како да го казни противникот, затоа ќе мораме да бидеме многу внимателни“, истакна Тухел.

Германскиот стратег потврди дека Верати е отпаднат од комбинација за настап, а се уште е неизвесно дали Килијан Мбапе ќе може да настапи во ова четвртфинале.

„Ќе видиме како ќе се одвиваат работите со Мбапе, ако вечерва го издржи тренингот тогаш утре ќе може да настапи. Што се однесува до Верати, прерано е да говориме за негово враќање на терените“, изјави тренерот на ПСЖ.

По информациите на француските медиуми за позитивен случај на фудбалер на ПСЖ од covid-19, од клубот обелоденија дека станува збор за играч од младинската екипа што не отпатувал со првиот тим во Лисабон.

Се вчитува...