Тухел: Во пет дена примивме седум гола, ова е алармантно

Актуелниот шампион на Европа, Челси е пред елиминација во Лигата на Шампионите откако по првиот четвртфинален натпревар против Реал Мадрид има негатива од 3-1. „Сините“ одиграа лош натпревар во кој целосно потфрлија во одбраната, а грешките водеа до голови, но и во нападот каде не беа реализирани сто отстотните шанси.

По натпреварот за тоа говореше и Томас Тухел кој изјави дека неговиот тим е непретпознатлив по репрезентативната пауза и ситуацијата е алармантна.

„Ако одиграме уште еден ваков натпревар нема шанси да поминеме во следната фаза. Мораме да се пронајдеме. Не знам што ни се случи по репрезентативната пауза. Го повторивме второто полувреме против Брентфорд. Во пет дена примивме седум гола, ова е алармантно. Не можете да очекувате добар резултат, а да играте вака. Бевме далеку од формата. Пробавме да играме во нова формација, но потфрливме со грешките. За поразот не е виновен еден играч, сите сме, вклучувајќи ме и мене“, изјави Германецот.

Се вчитува...