Тврдоглавост до крај: Солари повторно го избриша Иско

Сантијаго Солари вечерва според сите прогнози ќе го води последниот натпревар од клупата на Реал Мадрид, бидејќи без оглед на исходот од дуелот со Валјадолид аргентинскиот стратег ќе добие отказ, како казна за дебаклот во ЛШ со поразот од 1-4 на домашен терен од Ајакс. Згора на тоа тој се соочува со сериозни проблеми поради отсуството на бројни првотимци, но Солари останува тврдоглав до крај кога станува збор за статусот на Иско, па не го зеде шпанскиот репрезентативец ниту на поширокиот список на патници за Валјадолид.

Во ситуација кога повредени се Бејл, Васкез, Винисиус и Маријано, се чинеше дека за Иско мора да се најде место во стартниот тим, но Солари е убеден дека плејмејкерот со непрофесионалниот однос не заслужува првотимски статус.

Тој претходно го избриша Иско и од клупата за резерви против Ајакс, поради што играчот за врска одбил да патува со тимскиот автобус, доаѓајќи со сопствен автомобил на „Сантијаго Бернабеу“. Конфликтот се вжештил, Солари дури и го пријавил Иско за непрофесионално однесување, па против фудбалерот е покрената и клупска дисицплинска постапка и ќе биде казнет.

Самиот фудбалер досега беше лојален на Реал и најавуваше дека е решен да остане доколку Солари си замине во текот на летото, но со последниот развој на настаните сега Иско е подготвен за трансфер. Ливерпул, Јувентус и Манчестер Сити се клубовите заинтересирани за овој фудбалер, кој е проценет на 100 милиони евра.

Се вчитува...