Репрезентацијата на Македонија за ракометари до 18 години со победа го стартуваше настапот на ЕХФ шампионатот во Грузија, откако попладнево триумфираше над соодветната селекција на Литванија со резултат 32-30. Селекторот Данило Брестовац мора да биде задоволен од изданието на нашиот состав, кој го контролираше резултатот во текот на целиот меч, а во вториот дел одолеа и на тактиката „седум на шест“ на Литванците, за заслужена победа на стартот од ова натпреварување.
Литванија имаше водство само до 1-3, за потоа Македонија со четири гола во серија да го сврти резултатот во своја полза. Костески и Серафимов беа одлични во нападот, а откако се вклучија и останатите ракометари Македонија заигра фуриозно во финишот од првото полувреме, на одмор заминувајќи со убедливи 19-13.
Противникот се обиде да стори нешто повеќе, па во вториот дел тргна „седум на шест“, извесно време исфрлајќи го од ритам нашиот настап во дефанзива. Се стигна до минимални 26-25, резултат при кој Литванија не искористи и напад за израмнување, за потоа Македонија да постигне четири гола во низа. Резултатот на пет минути до крјот гласеше 30-25, за малиот пад во концентрација во самиот финиш да придонесе на крајот да се слави само со два гола разлика.
Десното крило Костески одигра извонреден натпревар со 11 погодоци и беше најзаслужен за триумфот заедно со Мартин Серафимов, двајца играчи кои дефинитивно ќе бидат лидери на нашиот состав на овој шампионат.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА