Убедлив пораз на ракометарките: Германките ја декласираа преморената Македонија

Кадетската репрезентација на Македонија го претрпе и вториот пораз во низа на СП за ракометарки до 18 години, губејќи од Германија со убедливи 21-34 во разигрувањето за пласман од деветтото до 16. место.

Емотивно испразнети по поразот на клучниот дуел со Исланд, македонските кадетки имаа проблеми да се снајдат во нападот против физички подоминантните германски ракометарки. Ова придонесе Германија да доминира на теренот, на половина од првото полувреме да поведе со 5-8, а веднаш потоа со играч помалку да стигне и до водство од 5-9. Македонија за момент се разбуди и се приближи на само два гола негатива, но следеше нова германска серија со која гостинките посериозно се одлепија. Без оглед на доброто издание на голманката Чурлиновска, Македонија не беше на посакуваното ниво во првите 30 минути, кои избраничките на селекторот Савевски ги завршија со пет гола негатива (12-17), откако во последниот напад Пешиќ од идеална позиција биеше само во дирекот од противничкиот гол.

Надежите за камбек во второто полувреме исчезнаа по само неколку минути игра, откако Германките набрзина стигнаа и до „плус седум“ (13-20). „Црвено-жолтите“ само за момент се вратија на пет гола разлика, но следеше нова серија на Германија, па при негатива од 16-24 селекторот Савевски беше принуден да побара тајмаут. Советите не дадоа плод, бидејќи нецели две минути подоцна Германија веќе стигна и до првото двоцифрено водство (16-26). Германскиот селектор внесе во игра дел од резервните ракометарки, но и со комбиниран состав противничките целосно го контролираа мечот и уште повеќе ја зголемија предноста, на крајот заслужено славејќи со 21-34.

Следен противник на Македонија ќе биде селекцијата на Хрватска, дуел за 11.место што на програмата ќе биде утре со почеток во 16 часот.

Се вчитува...