Убиен поранешниот фудбалер на Локомотива, Мартин Јанушев

Денеска во попладневните часови во скопската општина Аеродром во близина на кафулето „Гет кафе“ е убиен поранешниот фудбалер на второлигашот Локомотива, Мартин Јанушев.

Според информациите од МВР на РМ, околу 17:40 часот имало вооружен инцидент во кафуле на улицата „Владимир Комаров“. Напаѓачот со огнено оружје пукал кон Мартин Јанушев, кој веднаш потоа е пренесен во Градската општа болница во Скопје.

Но, како што потоа информираа од Министерството за здравство, 25-годишниот Јанушев бил донесен веќе без знаци на живот…

„Во врска со лекарскиот третман на застреланото  лице во Аеродром информираме дека лицето било донесено во болницата Св Наум Охридски без знаци на живот. И покрај тоа, докторите се обидувале да го реанимираат лицето 40 минути, но безуспешно“  – се вели во соопштението на Министерството за здравство.

Според очевидци, како што објави МИА, во Јанушев биле испукани 4-5 куршуми во главата и вратот. Причините и мотивот за убиството се непознати, но согласно шпекулациите убиецот е пријател на Јанушев, познат на полицијата, со кого непосредно пред пукањето имал одредени недоразбирања.

Мартин Јанушев, покрај настапите за неколку домашни второлигаши во минатото, по откажувањето од фудбалот последниве години се занимаваше и со кик-бокс.

Се вчитува...