УЕФА се закани со правни дејствија против ФИФА и нејзиниот претседател Џани Инфантино поради планот, кој во меѓувреме е отфрлен, за продажба на удели во натпреварувањата организирани од ФИФА на приватни инвеститори.
„Би-би-си спорт“ пренесува дека, покрај острата реакција од седиштето на УЕФА во Нион, и Фудбалската асоцијација на Англија (ФА) се подготвува да ја повлече својата поддршка за Инфантино преку официјално писмо. Во меѓувреме, Фудбалската асоцијација на Велс стана првата национална асоцијација што јавно ја повлече поддршката за првиот човек на ФИФА за нов претседателски мандат.
Кризата изби по планот на ФИФА и Џани Инфантино за формирање комерцијална подружница наречена „FIFA Forward Enterprise“ (FFE), која би го презела управувањето со големите натпреварувања, вклучително и Светското првенство. Планот предвидуваше надворешни, приватни инвеститори да можат да купат малцински удели во новата структура.
Се верува дека групата инвеститори требало да биде предводена од американскиот фонд „Thrive Eternal“, чиј основач е Џошуа Кушнер, брат на Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп.
Како што прв објави лондонскиот весник „Телеграф“, УЕФА во писмо до Инфантино јасно стави до знаење дека „активно разгледува можности за правни постапки, арбитража и/или поднесување регулаторни претставки во врска со планот за FFE предложен од ФИФА“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
