УЕФА ригорозна кон Милан: Суспензија и казна од 30 милиони евра

Дисциплинската Комисија на УЕФА нема да покаже милост кон Милан и ќе му изрече ригорозна казна на италијанскиот гигант за нарушувањето на финанискиот ферплеј. Официјалното изрекување на казната ќе се случи в понеделник, но „Газета дело спорт“ во денешното издание објави за што ќе стане збор – Милан не само што една година ќе биде без настап во европските купови, туку ќе треба да плати и парична казна во висина од 30 милиони евра.

За лошото раководење со клубот од страна на кинеските газди се говори веќе со месеци, а оваа казна би можела да значи и крај на еден крајно неуспешен период на клубот, под водство на Ли Јонхонг. Кинескиот газда го пропушти и вчерашниот последен рок да обезбеди 32 милиони евра, па се поблизу е смена на раководството на клубот. Како најсериозен кандидат се споменува Томас Рикетс, газдата на бејзбол клубот Чикаго кабс, кој јавно проговори дека е заинтересиран со капитал да влезе во Милан, но само како доминантен сопственик, а не како стратешки партнер на Кинезот.

Едно е јасно, пред Џенаро Гатузо е тешко лето, да убеди квалитетни засилувања да се приклучат на овој проект кога нема да се учествува ниту во европските купови, ниту пак ќе се има преголем буџет за звучни нови имиња.

Се вчитува...