Европската фудбалска федерација (УЕФА) им даде рок на Светската фудбалска федерација (ФИФА) и нејзиниот претседател, Џани Инфантино, до втори ноември да ја објават целата документација и да одговорат на сите прашања поврзани со начинот на носење одлуки во светската куќа на фудбалот.
На состанокот на советот на ФИФА кој се одржа во четвртокот, Инфантино се извини за неговиот план да ги продаде Светските првенства на приватни инвеститори, но не даде никакви дополнителни објаснувања за целиот план.
УЕФА реагираше преку писмо упатено до Инфантино во кое наведува дека нема никаков одговор на бројни суштински прашања.
Прашањата се однесуваат на планот за продажба на Светските првенства, на доделувањето на наградата за мир на ФИФА на американскиот претседател Доналд Трамп, како и за укинувањето на суспензијата на репрезентативецот на САД, Фоларин Балогун, на Светското првенство кое се одржа летово.
„Повлекувањето на планот за продажба на Светските првенства, јавното признавање на грешката, најавата за можни реформи во системот на управување на ФИФА не се задоволувачки одговори за тоа како се носени одлуките или зошто советот на ФИФА не бил вклучен во тој процес. Секое одбивање да дадат информациите или документацијата мора да биде поединечно објаснето со јавно наведени причини поради кои се одбива. На овие прашања веднаш очекуваме одговор. Не е возможно да се одложува до следната седница на советот на ФИФА, а идните реформи за управување не можат да бидат замена за преиспитување на одлуките кои веќе се донесени, како ниту за утврдување на одговорноста“, стои во дел од писмото кое е напишано на осум страници.
УЕФА во писмото не прецизира какви чекори планира да презеде доколку ФИФА и Инфантино не го испочитуваат рокот и не им одговорат на поставените прашања.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
