УГД Штип во Осло ја има европската премиера

Премиерата на европската сцена, освојувачот на Купот 2025, УГД Штип ќе ја има денеска во Осло во првото коло од ЦЕВ Челинџ купот, кога му гостува на норвешкиот претставник Кол Ил.

Одбојкарите на УГД Штип отпатуваа за Осло, со силна верба во своите квалитети и позитивна мисла дека европското деби може да биде успешно, со оглед на тоа дека има противник по мерка.

„Нетрпеливи сме во пресрет на нашиот прв европски настап. Радува фактот дека немаме никакви здравствени проблеми и комплетни патуваме на првиот меч. Оптимисти сме во двомечот со Кол Ил, од причина што и за двете екипи ова е премиерно учество во европските клупски купови. Противникот има искусна екипа и се базира на квалитетни норвешки играчи кои играат дисциплинирана ‘скандинавска’ одбојка. Мојот состав е многу помлад и основата се македонски репрезентативци и две странски засилувања, но сите се со меѓународно искуство. Подготвени сме, мотивирани и расположени за докажување“, истакнува стратегот на УГД Штип, Кристијан Ристески.

Според Ристески шансите се рамноправни, а потенцира дека многу работи ќе зависат и од приемот и од сервисот со кој ќе нападне неговата екипа.

„Според она што го имаме како информација за противникот и од анализите сметам дека шансите се 50-50. Фокусот е секако на нашата игра, односно она што го прикажуваме досега и во подготвителниот период и во домашното првенство – сплотеност и доброто функционирање на теренот, верувам дека ќе го презентираме и во овој двомеч. Сметам дека приемот на сервис може да биде клучен елемент. Доколку тоа се одработи добро, нема да имаме потешкотии со оглед на тоа дека сме доста напаѓачка екипа. Истовремено мора да нападнеме и со силен сервис, со цел да се неутрализира нападот на противникот. Доколку тоа го одработиме како што сакаме и замислуваме може да се надеваме на позитивен резултат“, заклучува Ристески.

Првиот меч од првото коло во Челинџ купот се игра вечерва во 19 часот во Осло, додека реваншот е на 19 ноември во салата „25 Мај“ во Радовиш.

Се вчитува...