Украина со трет пораз во низа, Чесите убедливи против Унгарија

Селекцијата на Украина го претрпе и третиот пораз во низа на турнирот во Швајцарија, на кој Украинците ја темпираат формата за претстојниот европски шампионат. Оваа репрезентација, која на 10 јануари ќе биде прв ривал на Македонија, по Швајцарија и Холандија денеска загуби и од селекцијата на Тунис.

Африканската селекција славеше со 34-32, предноста создавајќи ја уште во првото полувреме (17-15). Најдобар стрелец во украинскиот табор беше Акименко со осум погодоци.

Во многу подобро светло се покажа нашиот втор противник на ЕП 2020, селекцијата на Чешка, која денеска убедливо ја совлада Унгарија со 31-22. Откако Унгарците го добија вчерашниот дуел со 27-24, денешниот натпревар што се играше зад затворени врати мина во целосна доминација на чешкиот состав и убедлив триумф на оваа репрезентација.

Македонија денеска ќе го игра последниот контролен натпревар во пресрет на европскиот шампионат, против селекцијата на Црна Гора со почеток во 19.30 часот.

Се вчитува...