Украинци и Благој Георгиев како посредник една година кружат околу Вардар

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар повторно е во фокусот на вниманието. Уште еден круг е завршен, уште еден „сопственик“ заглави финансиски и е веќе немоќен да го издржува, а се плетат приказни дека има нов заинтересиран за да го преземе раководењето со националното фудбалско милениче.

Сергеј Самсоненко има долгови од околу 2 милиони евра кон фудбалерите и стручниот штаб, на Вардар сериозно му „виси“ лиценцата за настап на европска сцена втора година по ред, а Град Скопје кој ја поседува „златната акција“ очекува претходниот мнозински акционер да ги подмири сите долгови и да го врати „на нула“.

Нема тоа да оди така лесно, ако Самсоненко имаше 2 милиони евра за Вардар, немаше да им должи на фудбалерите плати низ текот на целата година, немаше да „потегнат штрајк“ и за време на зимските подготовки, немаше секој ден да чекаат и да се надеваат дека ќе добијат плата.

Бугарскиот фудбалер Благој Георгиев, како посредник на украински конзорциум, веќе подолг период се интересира за состојбите во Вардар. Многу поинтензивно во изминатите 12 месеци, но нивната намера е да купат 100% од акциите на клубот. Тоа, со оглед на традицијата, но и општественото значење на ФК Вардар, засега не е можно, и многу веројатно дека Град Скопје нема да го дозволи. Благој Георгиев е претставник на компанијата „Winbet Arena“, која, слично како и дел од компаниите на Самсоненко претходно, се бави со изградба на спортски компекси. Беше во обид да ја преземе Славија Софија, но, сепак, се уште кружи и околу Вардар.

„Сега можам да ја коментирам само мојата фудбалска школа и Winbet Arena. Не сакам да коментирам околу Вардар, нема ништо конкретно“, изјави Благој Георгиев за „sportal.bg“, во емисија спонзорирана токму од „Winbet Arena“.

Во меѓувреме, Вардар е во беспарица, влегува во сериозен цајтнот за европска лиценца, а Благој Георгиев и Украинците се само дел од многубројните интересенти од минатото, како на пример, Србинот Миша Поповиќ, кој пред повеќе од една деценија сакаше да го преземе најтрофејниот македонски клуб.

 

Се вчитува...