УО на ФФМ: Јакимовски на местото на Божиновски на чело на судискиот одбор на ФФМ

Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија на денешната седница ги донесе следните одлуки:

УО на ФФМ донесе одлука Дејан Јакимовски да биде избран за претседател на Судискиот одбор на ФФМ, наследувајќи го досегашниот претседател Емил Божиновски кој поради лични причини се повлекува од функцијата.

Божиновски ќе остане дел од судиското тело во рамки на Федерацијата и продолжува да придонесува со своето долгогодишно искуство во развојот и унапредувањето на судењето во македонскиот фудбал.

Јакимовски има долгогодишно домашно и меѓународно искуство како судија, со повеќе од 500 натпревари во Првата и Втората МФЛ и над 110 меѓународни натпревари како FIFA судија. Во својата досегашна работа беше член на Судискиот одбор, УЕФА контролор, како и VAR менаџер и проектен лидер при имплементацијата на VAR технологијата во македонскиот фудбал.

Јакимовски има долгогодишно домашно и меѓународно искуство како судија, со повеќе од 500 натпревари во Првата и Втората МФЛ и над 110 меѓународни натпревари како FIFA судија. Во својата досегашна работа беше член на Судискиот одбор, УЕФА контролор, како и VAR менаџер и проектен лидер при имплементацијата на VAR технологијата во македонскиот фудбал.

УО на ФФМ го разгледа барањето за поддршка и донација за реконструкција и уредување на помошното фудбалско игралиште со вештачка трева „Ќумурно игралиште“ во Битола. Имајќи ја предвид неговата значајна улога во развојот на младинскиот фудбал и потребата од создавање безбедни и квалитетни услови за тренинг, Управниот одбор на ФФМ го прифати барањето и одобри поддршка за реконструкција на игралиштето, вклучително и замена на вештачката трева и санација на подлогата и неопходната инфраструктура.

УО на ФФМ го прифати предлогот на Дисциплинската комисија за измена на таксите за жалба до Второстепената комисија за молби и жалби. Со одлуката, таксата за физички лица се зголемува од 100 на 200 евра, додека за правни лица од 200 на 500 евра, во денарска противвредност.

УО на ФФМ ја прифати одлуката за организација на Детските лиги во натпреварувачката сезона 2026/2027 преку новооснованите фудбалски региони. Активностите поврзани со Детските лиги се интегрираат во Грасрут програмата 2024–2028, со што се создава единствена и поорганизирана рамка за развој на детскиот фудбал и унапредување на условите за најмладите категории.

За реализација на активностите во сезоната 2026/2027 ќе бидат искористени 160.000 евра обезбедени преку УЕФА Хет Трик, заедно со очекуваните средства од котизациите за учество во Детските лиги. На тој начин, вкупниот буџет наменет за развој и реализација на активностите во детскиот фудбал во рамките на Грасрут програмата ќе изнесува над 230.000 евра.

Целта е средствата да се насочат кон конкретни активности кои ќе придонесат за поголем број деца вклучени во фудбалот, подобри услови за нивно тренирање и натпреварување, како и долгорочен и одржлив развој на детскиот фудбал во сите фудбалски региони.

Се вчитува...