Уште еден позитивен на Ковид-19 кај Романците: И без Јанис Хаџи на утрешниот меч!

Романската селекција на утрешниот натпревар против Македонија ќе биде дополнително ослабена и без 22-годишниот Јанис Хаџи кој е позитивен на Ковид-19 по денешниот тест реализиран во Скопје.

Романија ќе биде без стрелецот на победничкиот гол од Букурешт кога славеа со 3-1, а токму Хаџи во 85. минута погоди за конечна победа. Тој е втор кој дополнително отпаѓа од романскиот состав, откако претходно позитивен на коронавирусот беше и Дорин Ротариу.

„Денеска околу пладне Јанис Хаџи се пожали на главоболка и други симптоми на коронавирусот. Направи брз тест и резултатот е позитивен“ – информираа од романската репрезентација.

Тројца фудбалери кои биле денеска во директен контакт со Хаџи, Ражван Марин, Александру Чичалдау и Драгош Неделку ќе го пропуштат денешниот официјален тренинг на Романците во Скопје. Денеска ќе мора да направат ПЦР-тестови и доколку истите се негативни ќе може да бидат на располагање на селекторот за утрешниот натпревар кој се игра со почеток од 20:45 часот на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

Се вчитува...