Уште една повреда во Барса пред дуелот со Вардар

Барселона остана без уште еден играч пред дуелот со Вардар на 10 февруари, во продолжението од Лигата на шампионите. На тренинг со тимот во „Блауграна“ се повреди десното крило, Јанис Лен.

Младиот француски ракометар има фрактура на прстот на левата рака и еден месец ќе биде надвор од терен, информираше лекарскиот тим на Барселона. Лен нема да биде во составот на каталонскиот тим на дуелите против Вардар и против Висла Плоцк во Лигата на шампионите, а ќе ги пропушти и четири натпревари во АСОБАЛ лигата.

За дуелот со Вардар, Чави Пасквал не може да смета ни на голманот Гонзало Перез де Варгас кој се повреди за време на настапот со шпанската репрезентација на ЕП во Хрватска. Вон строј подолго време е и десниот бек, Јуре Доленец кој го пропушти настапот на ЕП поради повредата на менискусот, а за време на ЕП се повреди и другиот десен бек, Дика Мем. Францускиот репрезентативец во полуфиналето на ЕП го повреди скочниот зглоб и мечот за 3.место го проследи од трибините.

Вардар и гостува на Барселона на 10 февруари во натпреварот од 11.коло во групната фаза од Лигата на шампионите.

Се вчитува...