Успешен крај на сезоната на Давидовски и ПСС Рејсинг

Виктор Давидовски имаше успешен крај на сезоната во првенството ТЦР Европа, каде што оваа година беше единствен македонски претставник.

На последната трка во Монца, тој во два наврати стигна до бодови, при што во првата трка го освои 15. место, а во втората трка 13. позиција, за што доби вкупно 6 нови бода (1+5), па со вкупно 9 поени од 14 трки ја финишираше својата втора сезона во најсилната конкуренција на Стариот континент.

“Имајќи во предвид колку малери и дефекти имавме, вклучувајќи го последното откажување на турбо полначот на претходната трка во Барселона, генерално сум задоволен од финишот на оваа натпреварувачка сезона. Освоивме бодови и бевме подобри од лани, кога ја започнавме нашата одисеја во оваа исклучително силна конкуренција, но сепак чувствувам дека можевме и подобро. Прво сум критичен кон самиот себе за извесни грешки кои не чинеа многу нерви и слаби пласмани, но исто така сум разочаран од БОП параметрите доделени од организаторите за автомобилите Хонда, како мојот. На пример, од „купра“ и „голф“ сме потешки за 60 килограми. Сепак, искуствата од лани почнаа да не водат кон напредок и сега сме многу поискусни и поупатени во секој сегмент, така што резултатите едноставно мораа да стигнат порано или подоцна“– истакнува македонскиот пилот од „ПСС Рејсинг“.

Со овие 9 бода, „ПСС Рејсинг“ се наде на 15. место во екипна конкуренција. За титулата во поединечна конкуренција се уште се чека на пресудата од техничката комисија, која го испитува автомобилот Хјундаи на Џош Фајлс, кој славеше на втората трка во Монца и освои 40 бодови. Французинот Жулиен Брише е втор откако славеше во првата трка со Пежо 308, и можно е да биде промовиран во европски првак доколку техничката комисија најде нешто нерегуларно кај Фајлс.

Се вчитува...