Увидено дека се претерува со технологијата: ВАР ќе се користи само за очигледни грешки!?

Европската фудбалска унија (УЕФА) и претставниците на сите 55 национални асоцијации се согласуваат дека ВАР мора да се врати на својата првобитна намена – корегирање само на очигледни судиски грешки и јасно пропуштени клучни ситуации.

На состанокот на раководителите на судиите, одржан заедно со претставници на Меѓународниот одбор на фудбалски асоцијации (ИФАБ), се вели дека долгите и детални проверки на ВАР се знак дека технологијата го надминала опсегот за кој првично беше воведена.

Во соопштението, УЕФА нагласи дека ВАР не смее да го „преиспитува натпреварот“, туку да го поддржува главниот судија, кој мора да остане клучна фигура во донесувањето одлуки.

„ВАР треба да интервенира само кога одлуката на судијата е очигледно погрешна или кога судијата пропуштил јасна ситуација“, соопшти УЕФА.

На состанокот беше потврдено и ново толкување на правилата за погрешен идентитет на играчите. ВАР може да ја поправи ситуацијата кога погрешниот играч е казнет, ​​но не и да го промени видот на прекршокот или дисциплинската мерка.

Новите измени на правилата насочени кон намалување на доцнењата во натпреварите, вклучувајќи ги временските ограничувања за гол-аути, аути и замени, како и новите правила за повреди и тајм-аути од страна на голманите, исто така добија едногласна поддршка.

Иако УЕФА сака да го скрати времетраењето на проверките на ВАР и да ја врати довербата во системот, прашањето што точно претставува „очигледна грешка“ останува, бидејќи ова ќе продолжи да биде предмет на бројни дискусии меѓу тренерите, играчите и навивачите.

Се вчитува...