УЖИВАЈТЕ – Македонија е веќе победник!

ЕКИПА во Порто, Португалија

Владимир Булатовиќ

Излезете на терен и уживајте во моментот, ќе им порача македонскиот селектор Благоја Милевски на своите избраници и вечерва пред да се појават на „Драгао“ на најголемиот спортски натпревар во историјата на Македонија. Веројатно порака пренесена и за македонските навивачи кои ќе бидат присутни во Порто, но и за целокупната македонска јавност која вечерва во Македонија ќе може да ужива во историски момент нашата некогаш фудбалски отпишана земја да се бори за место меѓу најдобрите на светот!

И, дефинитивно уживањето да се биде во кремот на светскиот фудбал, на чекор од мундијалско место, треба да не носи низ последните 90 минути во обидот да се дојде до Катар. Ниту е ова „Денот Д“ за оваа генерација, ниту е последна животна шанса, ниту е момент кој треба да донесе било какво разочарување при евентуален неуспех… Затоа што оваа генерација македонски фудбалери и дефинитивно покажа дека пред неа ќе бидат уште многу можности да се дојде до најголемите европски и светски натпреварувања.

„Секако, како и пред мечот со Италија знаеме кој ја носи фаворитската улога пред овој меч. Знаеме со каков квалитет располага португалската селекција, нема потреба да ги нагласувам сите тие имиња кои играат за Португалија, но ние не сме тука дојдени како туристи. Напротив, дојдовме да победиме! Никој во светот не очекуваше дека ќе се најдеме на овој дуел. Но, ние чекор по чекор го потврдивме сиот свој квалитет и заслужено сме повторно тука во финалето за СП 2022. Затоа фудбалерите имаат повторно само една порака од мене, да уживаат во моментот, да излезат на терен и уште еднаш да го покажат сиот свој потенцијал и срце“ – ќе истакна македонскиот предводник Благоја Милевски.

Капитенот Стефан Ристовски ниту на вчерашната средба со медиумите во Порто не можеше да ги сокрие емоциите што е предводник на една генерација која може засекогаш да се запише во аналите на македонскиот спорт.

„Ова за нас е еден од најважните натпревари во историјата. Можеби светот не веруваше дека вечерва ќе бидеме на оваа прес-конференција, но тоа апсолутно не е случајно. Оваа наша репрезентација има нешто кое можеби другите воопшто го немаат, се чувствувам горд што сум капитен на овој национален тим и може само да кажам дека сме максимално подготвени за ова големо финале“ – ќе рече Ристовски.

Нескриен е фактот дека македонските фудбалери ги чека „пекол“ на „Драгао“. Но, Столе, Висар, Дарко, Стефан, Џани, Аријан, Енис, Боби, Алекс, Милан, Чурлин, Тихо, Бојан… и останатите последните две години потврдија дека знаат да бидат победници. А, со пласманот во финалето за место на Мундијалот во Катар, веќе и се победници.

Без разлика каков ќе биде исходот вечерва на „Драгао“, Македонија е веќе победник!

Се вчитува...