Вајналдум: Мојот гол беше за Ван Дајк

Ливерпул го растури Вулверхемптон со 4-0, а вториот погодок на тимот на Јирген Клоп беше дело на Вајналдум. Холандскиот ас со извонреден удар од дваесетина метри ја смести топката, а потоа гестикулираше трчајќи кон клупата на „црвените“.

Веднаш по мечот Вајналдум објасни дека голот го посветил на својот соиграч и репрезентативен колега, Вирџил ван Дајк, кој седеше веднаш над клупата за резерви на Ливерпул. Ван Дајк е „во аут“ до крајот на сезонава по тешката повреда на коленото, но Вајналдум е среќен што тој и соиграчите ја имаат поддршката на врвниот дефанзивец.

„Реков и претходно, секој гол што ќе го дадам сезонава, ќе биде за Вирџил ван Дајк. Прекрасно е што го имавме крај нас против Вулвс. Ми пријде пред мечот и ми рече, сакам нешто од тебе денеска, сакам гол. Се случи токму тоа, нормално дека истрчав кон него“, истакна Вајналдум.

Холандскиот интернационалец има само уште седум месеци од актуелниот договор со „црвените“ и веќе во јануари би можел да потпише преддоговор со друг клуб доколку во меѓувреме не ја продолжи соработката со англискиот првак.

„Не сакам да се повторувам, јас не давам изјави за новиот договор. Она што имам, го кажувам на терен, а одговори на прашањата за договорот барајте од управата на Ливерпул“, порача холандскиот репрезентативец.

Се вчитува...