Валенсија го отпушти тренерот Грасија

Гави Грасија повеќе не е тренер на Валенсија откако доби отказ од функцијата по синоќешниот пораз од Барселона. Неуспехот против еден од кандидатите за титулата не е толкав „кикс“ колку што беше загрижувачка слабата форма на тимот во изминатиот период – Валенсија во последните шест кола немаше ниту еден триумф, по што падна на 14. место на табелата и во финишот од сезоната ја очекува борба за опстанок,

Грасија го водеше тимот на 38 натпревари, при што забележа 11 победи, 12 реми и 15 порази, трет најслаб скор во историјата на сите тренери на клубот од „Месталја“. Сепак, мора да се потенцира дека вината не смее да се бара само кај тренерот, туку и кај раководството на клубот со оглед на фактот дека Валенсија сезонава ја напуштија неколку стандардни првотимци, а не беа доведени адекватни замени во тимот.

Екипата на Валенсија до крајот на сезонава ќе ја предводи Воро Гонзалез, кој и во минатите години во неколку ситуации знаеше со „шок-терапии“ да го извлече тимот од резултатска криза.

Се вчитува...