Валон Етеми во фокусот во Турција: Со Македонија повторно ќе изненадуваме многумина во квалификациите за ЕП 2024

Македонскиот репрезентативец Валон Етеми е во фокусот на вниманието на турските медиуми откако беше стрелец на два погодоци во ремито на Истанбулспор со Фенербахче.

Во разговор за дел од турските медиуми Етеми нагласува дека секогаш се труди да го реализира најдоброто од себе, притоа истакнувајќи дека негов пример на кој се огледува е Елиф Елмас.

„Секогаш го давам најдоброто од себе да го достигнам највисокото ниво на теренот. Не е тајна дека сакам да играм на највисоко ниво и се надевам дека фудбалскиот пат ќе ме однесе во некоја од најсилните европски лиги“ – вели Етеми притоа дополнувајќи:

„Репрезентативниот колега Елиф Елмас е мој навистина добар пријател и цело време комуницираме. Сега игра во Наполи, еден од најважните клубови во светот. Елмас е вистински пример, како за мене, така и за младите кои почнуваат со фудбал. Неговата кариера е навистина добра. Играше за Фенербахче, а потоа направи трансфер во Наполи и сигурен сум дека пред него е уште блескава кариера“.

Етеми не ја избегна и темата за Македонија низ престојниот квалификациски циклус за пласман на ЕП 2024, во исклучително тешката група со Англија, Италија и Украина.

„Се наоѓаме во навистина тешка група, но ние како Македонија силно веруваме во себе и никогаш не размислуваме предвреме дека некој натпревар е загубен. Дека секогаш го даваме најдоброто од себе доказ е елиминацијата на Италија во плеј-офот за Светското првенство, како и играта против едно име големо име како Португалија. Имаме квалитетен селектор кој знае точно што сака од нас и веруваме во тоа што го работиме а имаме и одлични индивидуалци како Елиф Елмас, Енис Барди и Езџан Алиоски, кои веќе ги познавате. Така да, се е можно во фудбалот, веруваме во нас, и сигурно имаме сили да изненадиме повторно многумина“ – вели Етеми.

Се вчитува...