Валверде бесен: Примивме гол од непостоечки пенал

По повеќе од две години пауза беше досуден пенал против Барселона во Примера дивизион, а каталонците веднаш го кренаа гласот против судијата Матеу Лахоз, посочувајќи го како главен виновник за нивното реми на гостувањето со Лас Палмас (1-1). Тренерот Ернесто Валверде беше бесен на судиските одлуки, на непокажаниот црвен картон на домашниот голман по очигледно играње со рака надвор од шеснаесетникот во финишот од првото полувреме, како и досудениот пенал за Лас Палмас во вториот дел.

„Не сакам да ја анализирам судиската работа. Самиот му пријдов и го прашав зошто не го исклучи голманот на Лас Палмас кога сите видоа дека играше со рака. За пеналот… што да кажам, никој во соблекувалната не знае зошто тој покажа на белата точка. Факт е дека и ние моравме да играме многу подобро, да бидеме поконкретни во противничкиот шеснаесетник, можеби и претходно да го решиме победникот. Вака, тој гол од непостоечки пенал не исфрли од ритам и загубивме два бода“ – изјави Валверде.

Барселона по овој „кикс“ има само пет бода предност во однос на второпласираниот Атлетико Мадрид, тим што каталонскиот гигант веќе во следното коло ќе го пречека на „Камп ноу“.

Се вчитува...