Ван Бомел доби отказ во ПСВ Ајндховен

Марк ван Бомел веќе не е тренер на ПСВ Ајндховен откако поранешниот холандски репрезентативец доби отказ од функцијата. Причина се променливите игри на тимот во последно време, а кризата кулминираше со вчерашниот пораз од 3-1 на дербито со Феенорд.

ПСВ се наоѓа во слаба форма, во последните пет средби во сите натпреварувања забележа само една победа, испадна во групната фаза од Лигата на Европа, а во холандското првенство падна на четвртото место, со десет бода заостанување зад Ајакс и АЗ Алкмар.

Бодовното заостанување е преголемо за клуб како ПСВ Ајндховен. Ова е клуб во кој сите внимаваме едни на други, тоа беше случај и претходните месеци, но интересите на клубот секогаш се над сите индивидуалци. Се обидовме да ги поправиме работите, но за жал не успеавме“, изјави Тон Гербрандс, генералниот менаџер на ПСВ.

Марк ван Бомел дојде на клупата на холандскиот тим пред 18 месеци, наследувајќи го Филип Коку, но поранешниот холандски репрезентативец не ги оправда очекувањата, губејќи го тронот во првенството од големиот ривал Ајакс.

Се вчитува...