Данецот Свенсон побара, ако треба, да се забрани влез за македонските фанови, па веднаш доби одговор: „Ех, да не ви се Балканците…“

Стручниот коментатор на данската „Тв2“ и поранешен ракометар, Даниел Свенсон анализирајќи ги случувањата на натпреварот меѓу Холандија и Македонија на Светското првенство 2025, побара ИХФ итно да реагира и ако е потребно да се забрани влез за македонските навивачи во салите на Мундијалот во Хрватска.

Според Свенсон, ИХФ треба да даде последно предупредување за Македонија пред и официјално да следи забрана за македонските фанови…

„Ракометната федерација на Македонија треба да добие сериозно предупредување. Ако ова се случи уште еднаш, тогаш на македонските фанови треба да им се забрани да присуствуваат на натпреварите. ИХФ треба јасно и гласно да порача дека ако повторно бидат фрлани предмети на теренот, тогаш нема да има простор за фановите во сала“ – е коментарот на Свенсон.

Но, неговиот коментар наиде веднаш на реакција кај бројни ракометни и спортски личности од Балканот, кои сервираа одговор

„Европјаните во спортот, а Скандинавците во ракометот, ја носат фрустрацијата кога гледаат со каква љубов, жар и емоција се практикува спортот на Балканот, посебно кога е во прашање навивачката енергија…. Така е во кошарката, така е и во фудбалот, така е и во ракометот… Тоа тие никогаш не може да го доживеат, а се гледа и сега кога главно салите на Светско првенство се празни да не се навивачите од оние ‘жестоки навивачки земји’… Ех, па да не ви се Балканците,  спортот ќе ви личи на шаховска партија, ако се практикува оној смешен навивачки ритуал на Скандинавците. Тоа го знаат и Данците, и знаат колку би сакале и самите да ја имаат таа навивачка енергија од трибините која ја имаат балканските репрезентации. Но, бидејќи знаат дека ја немаат и никогаш ќе ја немаат, подобро е за нив и другите да ја немаат…“ – се дел од коментарите по ставот на Свенсон.

Се вчитува...