ЕКИПА во Вараждин,
Стеван Цаневски
Ракометната репрезентација на Македонија го претрпе првиот пораз на СП 2025 откако вечерва по голема борба загубивме од Холандија со резултат 32-37. Избраниците на Лазаров во големи периоди од натпреварот целосно му парираа на фаворитот, но на крајот како клучна се покажа завршницата на првото полувреме во кое „лалињата“ се одлепија резултатски и стигнаа до водство што знаеја како да го задржат до самиот крај. Во моментите кога покажавме карактер и дадовме се за да се вратиме, данските судии со бројни исклучувања и пенали за противниците се погрижија Холандија во мирен финиш да го приведе мечот до крај.
По мечот голманот на Холандија Матијас Рекс видно потресен се жалеше дека го полевале со вода навивачите на Македонија.
„Почнаа да маваат кон нас, леташе сешто. Никогаш не сум доживеал вакво нешто. Очигледно, така тоа изгледа на Балканот. Во еден момент, кога сакав да ја фрлам топката, голот го наполнија со вода. Апсолутно лудо! Ова нема никаква врска со ракомет. Ама, некогаш работите се и такви“, изјави Рекс.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА