Три акценти од мечот со Холандија: Не се само судиите, зошто се мачиме со играч повеќе….

ЕКИПА во Вараждин, 

Стеван Цаневски

Македонската ракометна репрезентација го претрпе првиот пораз на СП 2025 откако избраниците на Кире Лазаров во лавовска битка загубија од Холандија со 32-37, преубедливи „минус пет“ ако се земат во предвид случувањата на теренот.

„Црвено-жолтите“ одиграа како и на првиот дуел со Унгарија, извонреден колектив ракомет со борба од првата до последната минута, но тоа овојпат се покажа недоволно за да се стигне до позитивен резултат. Холандија одигра атомски ракомет и на крајот се радуваше на триумф.

Штета е што не ја искористивме ситуацијата во која противникот имаше голмани со катастрофален ден. „Лалињата“ имаа само четири успешни интервенции (Гудријан една во првото полувреме, Доргело три во вториот дел). Никола Митревски сам на спротивната страна имаше седум успешни одбрани,

1. Први на листата клучни актери на мечот без конкуренција се судиите од Данска. Калкулантската арбитража со која им помагаа на Холанѓаните буквално секогаш кога имаше потреба од такво нешто беше неверојатна за гледање. Од жолт картон за селекторот Лазаров во првото полувреме кога Холандија беше во криза во нападот и имаше опасност од пасива (корнер, при уште еден пас пред одземање на топка), до исклучување на нашата клупа, па 12 досудени пенали, бројни сомнителни исклучувања. Како што сите наши ракометари кажаа по мечот – не ни беше дозволено да се вратиме целосно резултатски, иако со играта тоа го заслуживме.

2. Проблемот што селекторот Лазаров мора што поскоро да го реши е нашата игра со ракометар повеќе на терен. Ова е нешто што ни се повторува со години наназад, па додека во останатите сегменти бележиме огромен напредок, играта „шест на пет“ ни останува неочекувано голем проблем. Инсистирањето на тактика со два пикера во овие ситуации се чини сосема погрешно, ако се знае дека низ годините редовно се мачиме со таа тактичка замисла, која делуваше катастрофално и со Холандија. Впрочем, „лалињата“ клучната предност на првиот меч ја направија кога имавме играч повеќе на теренот, а буквално им ги дававме топките во раце, без обид за шут, без разлика дали тоа беа неуспешни додавања кон пивот или кон крило. Според официјалната статистика на ИХФ, Македонија имала осум напади „шест на пет“, при што нашите ракометари дале само три гола, а останатите пет завршиле со технички грешки. За споредба, Холандија имала десет напади „шест на пет“, при што „лалињата“ постигнале осум гола од девет обиди, со само една техничка грешка.

3. Да не се лажеме, Лука Стајнс е играч од друга планета, некој што апсолутно направи разлика на теренот. „Фластерот“ на Атанасијевиќ за момент го изолираше, но Стајнс го користеше секој момент за да направи разлика на теренот, со брзиот центар со што беспрекорно ги разигруваше соиграчите. Кога Атанасијевиќ доби црвен картон нашата зона се повлече, а Стајнс продолжи со бравурозна игра, со голови, асистенции, но и бројни пенали досудени врз него. Два постигнати гола, дури седум асистенции, четири пенали над него, еден црвен картон (на Лазаревски), но што е уште поважно, начинот на кој целосно го контролираше темпото на натпреварот… ова беше меч во кој македонските репрезентативци сторија се за да го запрат Лук Стајнс, но холандскиот ракомет ја покажа својата класа.

Се вчитува...