Легендарниот македонски фудбалер Ванчо Балевски е во фокусот на вниманието на српската спортска јавност, поради новопечениот македонски сениорски репрезентативец и член на белградска Црвена Звезда, Матеј Гаштаров.
Балевски е човекот кој уште пред четири години го препорача и однесе Гаштаров во Црвена Звезда. Но, малку е познато, дека Ванчо Балевски има меѓу црвено-белите однесено уште двајца млади македонски фудбалери.
Стрелец и асистент за Црвена Звезда во егзибицискиот натпревар против ОФК Балкан од Миријево беа Македонците Трпевски и Петровски.
„Се чини дека генетски е запишано во Црвена Звезда без Македонци да не може. Како и Гаштаров, и Петровски и Трпевски јас ги донесов во Црвена Звезда. Петровски претходно беше во Сиднеј, додека Трепевски играше во Работнички“ – вели легендата на Вардар, Ванчо Балевски, во изјава за српски „Журнал“.
Балевски објаснува и како се случи да го однесе Матеј Гаштаров во Црвена Звезда…
„Гаштаров го видов за прв пат шест месеци пред да дојде во Црвена Звезда на натпревар на Вардар, а потоа повторно за да бидам сведок на уште еден одличен настап на Матеј на позицијата последен играч за врска. Набргу потоа, го прашав тренерот на јуниорските тимови на црвено-белите, Владимир Сандуловиќ, дали Гаштаров може да дојде на проба. Матеј прво играше против Бродарац во Нови Београд, по што Сандуловиќ праша дали може да се врати и да биде дел од тимот против Војводина. По фантастичната игра против Нови Сад, Гаштаров доби покана да стане член на младинската школа на Црвена Звезда, што се случи по разговор со неговиот татко. Секако, официјално по шест месеци бидејќи мораше да помине низ тој период за да биде регистриран“ – вели Балевски и дополнува:
„Неговите одлични настапи со јуниорите веднаш беа забележани а потоа Ненад Милијаш го зеде во младинскиот тим. Гаштаров е единствениот Македонец кој одигра шест натпревари во Младинската лига на УЕФА. Играше добро против Барселона, Лион… Дотогаш, Матеј веќе го привлече вниманието на сите. Продолжи напорно да тренира и како бонус, отиде на позајмица во Борац Чачак, а по одлични шест месеци во Чачак, се врати и ги одработи подготовките со Дејан Станковиќ и сега е вистинско откритие од страна на Риера. Па, следи и повикот за македонската сениорска репрезентација!“
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
