Голманската позиција останува главна болка на Вардар на самиот почеток од новата сезона, откако „црвено-црните“ по Арпад Штербик на почетокот од подготовките останаа и без Страхиња Милиќ. Раководството на клубот се уште бара наследник за српскиот чувар на мрежата, што не е нималку лесно ако се знае дека „вардарци“ поради финансиски проблеми не се во можност да донесат квалитетен голман во Скопје.
Тоа беше случајот и со Карим Хендави, египетскиот репрезентативец кој е член на Бешикташ и кој се наоѓал високо на листата со желби на „црвено-црните“. Според информациите на „Хендбол планет“, македонскиот шампион по раскинот на договорот со Милиќ се надевал на потпис со Хендави, но „вардарци“ набрзо биле „оладени“ откако Бешикташ им соопштил дека ќе бара 300.000 евра за да даде зелено светло за овој трансфер. Сумата била апсолутно неприфатлива за „црвено-црните“, кои ја продолжуваат потрагата по нов голман, но без преголем успех.
Доколку во скоро време не биде донесен чувар на мрежата, Парондо ќе нема премногу простор за ротација, па ќе мора во ЛШ да игра со Милосављев на голот иако Србинот се уште е предалеку од врвно европско ниво. Како резервни опции Вардар во моментов ги има Ѓорѓески и Кизиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА