Вардар барем малку нека заличи како лани: На чист квалитет да се мине Пјуник

Македонскиот вицепрвак Вардар вечерва (19 часот) го очекува ерменскиот Пјуник во реванш мечот од првото квалификациско коло во Лигата на Европа. Со непријатен резултат од првиот дуел, негатива (0-1) од Ереван, и со нов шеф на стручниот штаб, Александар Васоски кој дојде на местото на Бобан Бабунски, „црвено-црните“ ќе се обидат да го елиминираат Пјуник. Ако се погледне „бекграундот“, посебно минатата сезона, Вардар тука треба да мине на чист квалитет. Но, и не е овој Вардар како тој од минатата сезона.

„Имаме незгоден резултат по првиот натпревар. Свесни сме дека 0-1 е непријатен резултат, но Вардар има сили и квалитет да ја анулира негативата, да даде гол или два и да мине во следната фаза. Не треба да се залетуваме од прва секунда да дадеме гол, затоа што секој примен гол за нас би бил лош. Сигурен сум дека ќе дадеме најмалку еден гол, но треба да внимаваме да не примиме. Верувам во овие играчи, верувам во нивните квалитети дека можеме да ја минеме оваа пречка. После ланскиот успех, сега на некој начин постои одреден притисок“, вели Васоски.

Пјуник не е баук, а новиот стратег знае како ќе игра ерменскиот тим.

„Ќе дојдат да се бранат и ќе чекаат шанса преку противнапад. Се зависи од нас, мораме да имаме контрола на мечот, и секој фудбалер ќе ја знае својата задача. Ќе го смениме пристапот на играта за разлика од првиот натпревар, и очекувам да одиграме подобро и поквалитетно“, истакна популарниот Тетовче.

Одбраната не смее да прими погодок, а дефанзивецот Евгениј Новак ги повика фановите да дојдат во голем број на стадионот и да им ја дадат неопходната поддршка на фудбалерите.

„Го анализиравме нашиот прв меч во Ереван и имаме идеја како ќе играме на реваншот. Ако ги исполниме задачите и идеите на тренерот, сигурен сум дека ќе имаме добар резултат, и резултат кој ќе нè однесе во следната фаза. Пред сè, мора да имаме добра дисциплина и добра желба. Сакам да испратам еден апел до навивачите, да дојдат и да ни дадат поддршка. Да не биде како во театар. Временските услови сигурно ќе бидат убави и ќе биде добро да се добие поддршка од трибините. Со помош на навивачите, Вардар игра подобро, поагресивно и се надевам дека така ќе биде и утре“, истакна Новак.

Се вчитува...