Вардар дефинитивно не доби(ва) лиценца за Европа

Најтрофејниот македонски клуб Вардар нема да добие лиценца за настап во европските купови. ЕКИПА дознава дека вардарци се одбиени и од Второстепената комисија при Одделот за лиценцирање на ФФМ, затоа што не ги исполниле бараните финансиски критериуми пропишани од УЕФА. Поради исти причини, Вардар не доби лиценца за настап во Европа и минатата сезона, а оваа уште еднаш „го повтори делото“.

Вардар влезе во уште поголема неизвесност откако досегашниот мнозински сопственик на акциите, рускиот спонзор Сергеј Самсоненко одлучи дефинитивно да се откаже од раководењето и најави дека ќе го врати на Град Скопје. Меѓутоа, клубот има сериозни долгувања кон фудбалерите и стручниот штаб, како и кон неколку други субјекти, чија вкупна сума надминува износ од околу 2 милиони евра.

Во една ваква ситуација, како можна опција за спас се појави бугарскиот фудбалер Благој Георгиев, кој е посредник во преговорите за друг руско-украински конзорциум да го преземе раководењето на македонскиот фудбалски миленик.

Се вчитува...