Вардар демантира: Играчот е уредно регистриран, ненамерната грешка не влијаеше врз резултатот

Раководството на КК Вардар тврди дека спорниот кошаркар Данаил Иванов кој настапи нецела минута на денешниот дуел со МЗТ Скопје 2 е уредно регистриран кај КФСМ. За потсетување, Вардар го доби денешниот втор меч од плејаут-серијата, но „металците“ бараат службена победа поради влегувањето во игра на Иванов, кој воопшто не се наоѓаше на списокот на играчи за оваа средба.

Сепак, „црвено-црните“ децидно порачуваат дека Иванов е регистриран во КФСМ, а со тоа жалбата на МЗТ Скопје 2 е неоснована.

Соопштението на КК Вардар го пренесуваме во целост:

К. К. Вардар официјално ја известува канцеларијата на КФСМ дека на натпреварот со МЗТ Уни Банка Скопје, кој се одржа на ден 13.05.2021 во 17ч. во С. Р. Ц. Кале, а за кој е најавена жалба од гостинската екипа на МЗТ Уни Банка Скопје по основа на Член 27 од Правилникот за натпреварување на сениорските лиги, во кој се означува играчот Данаил Иванов како неправилно регистриран играч, е неосновано.

Имено, играчот Данаил Иванов е правилно регистриран со лиценцен број 027256 и се наоѓа на Листата на одобрени играчи од КФСМ на К.К.Вардар согласно член 13 од Пропозициите за натпреварување и основни одредби за сениорски лиги сезона 2020/2021.

Играчот во согласност со Covid19 протоколот беше тестиран за овој натпревар и резултатите доставени со останатите тестирани играчи.

Истиот играч не е казнет, ниту суспендиран на некои од претходните натпревари. Поради тоа К. К. Вардар ви ја доставува и документацијата за натпреварот со надеж дека околноста која на никаков начин не влијаеше на крајниот резултат ќе се смета како ненамерен пропуст кој не ги загрози правилата од пропозициите за натпреварување на сениорските лиги.

Со почит,
К. К. Вардар

Се вчитува...