Вардар доби дел од ветените средства, утре собир за „експрес“-подготовки

Најтрофејниот македонски клуб утре ги стартува „експрес“-подготовките за продолжението од сезоната во Првата македонска фудбалска лига. Како што дознава ЕКИПА, веќе се префрлени дел од средствата кои беа ветени за функционирање на црвено-црните до крајот на сезоната.

Според најавите, во вторник се очекува и дефинитивното бришење на долгот кон АДССДП, со што ќе бидат создадени можности за финансиско одржување во живот на „вардарци“. Во меѓувреме фудбалерите, оние кои останаа во клубот, се согласни утре да ги почнат подготовките. Според најавите, тимот оваа пролет се очекува да го води поранешниот македонски селектор Никола Илиевски – Џиџи, заедно со Златко Таневски, Бобан Грнчаров и Никола Глигоров. Кондициски тренер се очекува да биде Михајло Шејкероски – Шани, кој изминатава есен беше во стручниот штаб на Работнички.

А, Вардар и во пролетниот дел ќе биде воден од досегашната администрација на Сергеј Самсоненко, со оглед на тоа што акциите на клубот се уште се под владение на Русинот. Самсоненко, пак, не исполни ниту едно од дадените ветувања за подмирување на долговите. Адвокатскиот тим на Самсоненко како и досегашниот извршен директор Самоил Симев на средбите со градоначалникот Петре Шилегов најавија подмирување на долговите до 31. јануари. Но, ништо од тоа.

Тече и акцијата на „Комитите“ со продажба на билети за „спас на ФК Вардар“. Според информациите од навивачката група, досега се продадени повеќе од 10.000 билети, кои се продаваат по цена од 100 денари. „Комитите“ веруваат дека до натпреварот со Пелистер следната недела, на стартот од пролетниот дел од сезоната, ќе бидат продадени повеќе од 20.000 билети.

Се вчитува...