Вардар освои уште еден, вкупно 18.. трофеј во Купот на Македонија во клупската историја откако вечерва во супердраматично финале „црвено-црните“ славеа над Охрид со 24-23, за одбрана на трофејот освоен лани, вкупно петти куп трофеј што Вардар го освојува во последните шест сезони од мак-ракометот. Охриѓани имаат за што да жалат, ако се знае дека во вториот дел имаа „плус три“, а во самиот финиш и напад за изрманување со играч повеќе, но непотребно тргнаа на атракција и цепелин наместо на рутинска реализација, и ја платија цената за тоа.
Од самиот почеток беше очигледна „вжештеноста“ на двете страни, па битолските судии во првите четири минути веќе покажаа и две исклучувања, по едно на двет страни. „Вардарци“ подобро отворија и преку Лазаревски, Хорига и Малус поведоа со 3-1, а потоа со атрактивниот цепелин на Митровиќ и со 4-1. Доминацијата на „црвено-црните“ продолжи, па со третиот гол на Хорига лидерот на табеллата поведе и со 7-3.
Ројевиќ побара тајмаут во 14. Минута при водство на Вардар од 7-4, но охриѓани не искористија два напади со играч повеќе при овој резултат, не користејќи го исклучувањето на Хорига. „Сино-белите“ сепак влегоа во ритам, ја преполовија негативата на 9-7, по што дојде ред Иван Чупиќ да побара минута одмор.Воркапиќ немаше свој ден, по двата нереализирани удари од крило имаше и трет обид, и тоа од одличен агол, но Србинот стрелаше директно во главата на одличниот Пилиповиќ, за што заслужено доби исклучување од две минути.

Охрид се приближи на 9-8, но Малус даде важен гол за Вардар со играч помалку, но Охрид продолжи фуриозно и преку Јагуриновски израмни на 12-12 во 29. Минута. До крајот на полувремето исклучен беше Реј од Охрид, Малус казни со прекрасен погодок од девет метри, по што Вардар замина на одмор со минимално водство од 13-12.
Со израмнета игра се продолжи и на стартот од второто полувреме, Вардар имаше 16-15 кога исклучување заработи Прибетиќ од Охрид, но Тузолана не реализираше од крило, по што Ѓукиќ казни за 16-16, притоа изнудувајќи и исклучување од Хорига. Токму Ѓукиќ делуваше најмотивирано, па српското крило стрелаше од полуконтра за прво водство на Охрид во финалето (17-18). Пилиповиќ бранеше неверојатно во овој период запирајќи зицери на Георгиевски и на Митровиќ, „вадарци“ веќе не беа така сигурни, брзаа во нападот и грешеа, а Ѓукиќ со нов гол од крило го зголеми водството на Охрид на 17-20, принудувајќи го Чупиќ да побара тајмаут.

Советите вродија со плод, Вардар експресно намали на 20-21, охриѓани реагираа со тајмаут, но „црвено-црните“ одговорија со нов гол и израмнување на 21-21, дело на Малус. „Црвено-црните“ имаа и пенал за ново водство, но Тузолана не беше прецизен од седум метри. Иванковиќ во овие клучни моменти влезе во серија промашувања кај Охрид, а Малус со нов блесок и гол по сол0-акција го врати Вардар во водство (22-21). Голманите блескаа на двете страни при водство на Вардар од 23-22, па Ројевиќ реши да побара тајмаут во обид да ги смири своите ракометари за завршните пет минути од финалето.
Следеше нова грешка на Иванковиќ, овојпат во додавање, по што Тузолана казни со гол од контранапад за 24-22. Битолските судии ги извадија од кожа „вардарци“ со неколку одлуки, но Валах го запре вториот пенал на Јасухира, одржувајќи го минималното водство од 24-23 на помалку од две минути до крајот. Малус направи пробивање, па Охрид доби напад за израмнување. Георгиевски доби исклучување на 16 секунди до крајот за играње со нога. И наместо со играч повеќе да тргнат во реализација, охриѓани непотребно се обидоа со егзибиција во последните секунди, цепелинот до Јагуриновски не успеа, па Вардар го доби ова драматично финале со 24-23.
Валах бранеше одлично и со десет интервенции даде голем придонес за победата, додека во нападот најефикасни кај Вардар беа Малус со осум, пред Хориха со шест и Тузолана со пет погодоци. Кај охриѓани најефикасни беа Ѓукиќ и Јасухира со по пет погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
