Вардар фаворитски го пречекува Кристијанштад

Во првиот натпревар пред својата публика во новата сезона во Лигата на шампионите, ракометарите на Вардар денеска (17.30 ч.) во СЦ „Јане Сандански“ го пречекува шведскиот Кристијанштад. Статистиката и традицијата се на страната на македонскиот шампион кој во овој дуел влегува со улога на фаворит, но и со задолжителна доза на претпазливост и на концентрација без потценување на противникот.

„Овој меч е многу важен за нас. Фокусирани сме на натпреварот и очекувам во сите 60 минути да одиграме на исто ниво и да дојдеме до нови бодови. Вуко Борозан не играше на дуелот од СЕХА, но сега се работи за натпревар од ЛШ и Вуко ќе биде во составот“ –најави тренерот на Вардар, Роберто Парондо.

Вардарци имаа победнички старт во ЛШ на гостувањето кај Монпелје (24-27), а Кристијанштад загуби дома од Мешков Брест (30-32).

Во меѓусебните дуели со шведскиот првак, Вардар е неприкосновен со шест победи во сите шест натпревари, вклучувајќи ги и рекордните 31-15 на ланскиот дуел во групната фаза. Интересен е податокот дека Вардар и Кристијанштад веќе трета сезона по ред играат во иста група во ЛШ. А, статистиката покажува и дека „црвено-црните“ секогаш максимално подготвено стартуваат во ЛШ и во последните четири сезони имаат по најмалку три победи по ред.

Кристијанштад може да биде незгоден противник, на домашен терен, но на гостувањата Швеѓаните и не се така убедливи со само три победи во 22 гостински натпревари во Лигата на шампионите.

Се вчитува...