Вардар ги улови „штркчињата“ на „Кале“

Вардар му се реваншираше на МЗТ Скопје 2 за поразот пред две седимици откако во 18. коло, „црвено-црните“ славеа со 85-79. Домаќините преку агресивната одбрана во втората четвртина го нарушија ритамот на гостинскиот состав, а комотната предност стекната во овој дел од играта не ја испуштија до самиот крај на мечот со што составот на Јованчев стигна до четвртата победа во сезоната.

Натпреварот започна во изедначено темпо во кое и покрај тоа што двата тима ги служеше шутот, пресуден беше преголемиот број на изгуби топки. Вардар умешно ги искористи „подароците“ на младите „штркови“ и преку 12 поени постигнати од транзиција поведе со 25-18 по првата четвртина. Агресивната одбрана на Вардар во продолжението од натпреварот го наруши ритамот на „сино-белите“, а домаќините го искористија падот во играта на гостинот па преку Дикембе и Провел на полувремето заминаа со предност од 46-33.

 

Вардар успеа да го одржи континуитетот и на отварањето на второто полувреме. „Црвено-црните“ одолеаја на налетот на гостите на средината на третата четвртина па по 30. минути игра ја одржаа двоцифрената предност (64-53). Добриот моментум на „штркчињата“ продолжи и на почетокот на последната четвртина во која избраниците на Даскаловски повторно го покажаа својот победнички менталитет. Младиот состав од Аеродром ги користеше грешките на домаќинот и успеа да стигне до негатива од само еден напад (68-65), но недоволно за целосен пресврт. На крилјата на Радош и Провел, Вардар повторно ја врати двоцифрената предност и ја осигура победата.

Дикембе Диксон беше прво име кај домаќинот со 26 поени и 9 скока, додека него го следеше Џуниус Провел со 23 поени и 8 асистенции. Дино Радош натпреварот го заврши со 15 поени и 3 скока. Пет играчи во гостинскиот состав забележаа двоцифрен број на поени од кои со дабл-дабл од 17 поени и 12 скока натпреварот го заврши Роб Монтомери. По 16 поени додадоа Зекири и Андоновски, додека нив ги следеше Леонид Тодоровски со 11 поени. Како двоцифрен со 10 поени, 3 скока и 3 асистенции натпреварот го заврши и Максим Митевски.

 

Се вчитува...