Вардар го брани куп-трофејот, Металург сонува за чудо

Куп-завршницата во Куманово вечерва (20 часот) ќе финишира со македонски ракометен „шлагер“ кога станува збор за последните десетина години на домашната сцена – пресметка меѓу големите ривали Вардар и Металург. Финансиската немоќ на Металург во изминатите години придонесе разликата во квалитет во последните сезони да се зголеми, па дури и во период на сериозна беспарица во Вардар, „црвено-црните“ остануваат огромни фаворити за трофејот.

И двата тима не минаа лесно во полуфиналните пресметки, „вардарци“ го совладаа Работник со 35-30, Металург беше подобар од Бутел (34-31), а интересно е што за Вардар денешното финале ќе биде трет меч во последните три дена (во четвртокот играше со Пролет, синоќа со Работник, а вечерва со Металург). Само за потсетување, Вардар и Металург пред десетина дена одиграа интересен дуел во рамките на плејофот, на кој „вардарци“ по голема битка триумфираа со минимални 32-31.

„Јасно е дека Вардар е фаворит, но ние покажавме дека не сме инфериорни во однос на актуелниот првак. Ќе играме најдобро што можеме, па ако ни се укаже шанса ќе сториме се за да ја искористиме и да приредиме големо изненадување“ – порачуваат од таборот на Металург.

Се вчитува...