Вардар останува во победнички ритам и после третото коло во Лигата на шампионите. На најжешкиот гостински терен вардарци славеа голема победа против Веспрем со 25-27 и останаа на лидерската позиција во групата А. Во до крај неизвесен и исклучително тензичен меч, „црвено-црните“ беа поконцентрирани и поконстантни во решавачките минути. Арпад Штербик на голот на Веспрем не успеа да ги сопре своите поранешни соиграчи, а неговиот наследник на голот на Вардар, Дејан Милосављев имаше уште едно блескаво издание.
Домаќините го имаа почетното водство со погодокот на капитенот Ласло Наѓ, и беа во минимална предност во првите десетина минути. По воведното „испитување на силите“ , вардарци потоа заиграа како по ноти. Одбраните на Дејан Милосављев беа максимално ефикасно искористени и Вардар со серија од 4-0, поведе со 4-7 на средината од првото полувреме. Вуко Борозан со два проектили од левата бековска позиција го донесе Вардар во водство, а третата шанса за +3 со ефектен погодок ја реализира Тимур Дибиров.
Мирната тимска игра и максималната концентрација беа добитната комбинација на Роберто Парондо и на „црвено-црните“ во овој период од натпреварот. Во 21.минута од натпреварот Вардар стигна и до највисоки +5 поведувајќи со 6-11, а потоа и со 7-12.
Љубомир Врањеш се обиде да го врати унгарскиот тим во ритам по серијата грешки во нападот. И делумно успеа во тоа во наредните минути кога домаќините возвратија со четири гола во серија и ја стопија негативата на само еден гол (11-12). Во финишот на полувремето, Вардар ја прекина серијата на домаќините и на одмор замина со два гола предност (11-13).
Второто полувреме почна речиси идентично како и првото, со погодок на Ласло Наѓ и со офанзивна игра на Веспрем. Домаќините по пет минути игра успеаја да дојдат и до изедначување на 14-14 со голот на Борут Мачковшек. Словенечките реперезентативци во овој периодо од играта го имаа главниот збор во нападот на унгарскиот трим. Блаж Благотиншек го врати Веспрем во водство, а по шестата одбрана на Арпад Штербик, Мачковшек уште еднаш беше прецизен за 16-14.
Парондо реагираше со тајм-аут, а веднаш потоа Вуко Борозан го постигна четвртиот погодок, прв за Вардар по осумте минути без реализација. Вардарци се вратија во игра изедначија на 16-16.
Првиот погодок на Дејан Манасков на овој натпревар повторно му донесе минимална предност на Веспрем. Но, Ласло Наѓ неспортски го фаулираше Борозан и доби исклучување, а Вардар ја искроисти шансата со играч повеќе на терен за ново водство 17-18.
Жестоката битка на терен набрзо го чинеше две минути казна и Данил Шишкарев на другата страна. Максималната борбеност донесе висока тензија и незивесност на терен. Изедначено со 19-19 двата тима влегоа и во завршната четвртина.
Веспрем остана без Драган Гајиќ кој со повреда на мускулот го напушти теренот, а неколку минути подоцна сличен пах доживеа и Вардар со повредата на Рожерио Мораеш, кој за среќа, по десетина минути одново се врати во игра.
Веспрем прв пат стигна на +2 со вториот гол на Манасков за 21-19 и тоа на се покажа како клучен гол за унгарскиот тим кој ја задржа предноста и иницијативата на терен, а вардарци на десет минути пред крај „бркаа“ резултат.
Нова шанса Вардар доби откако Веспрем остана без двајца играчи, прво беше исклучен Благотиншек, а потоа и Манасков за „контакт“ во одбрана со со Карачиќ. И „црвено-црните“успеаја да ја искористат. Прво Чупиќ успеа да го надмудри Штербик, а потоа Дибиров од далечина поентираше на празниот гол на Веспрем за ново изедначување на 22-22 на осум минути до крај. Серијата од 3-0 ја комплетира Чупиќ и Вардар одново беше во минимална предност 22-23.
Натпреварот влезе во неизвесна завршница, но овој пат Вардар диктираше темпо, а Веспрем бркаше резултат на пет минути пред крај (23-24). И одново Манасков беше играчот што го држеше Веспрем во егал погодувајќи по трет пат за 24-24. Сепак, „црвено-црните“ беа поконцентрирани и помудри во финишот. На две минути пред крај имаа гол предност (24-25) и играч повеќе на терен. Во вистински момент прецизен беше Мораеш и го однесе Вардар на +2 (24-26), а последната надеж на Веспрем ја збриша Милосављев со 11 одбрана и ја запечати третата победа на Вардар во ЛШ.
Дејан Милосављев имаше 12 одбрани, Тимур Дибиров постигна шест, Вуко Борозан пет, а Даинис Криштопанс и Иван Чупиќ завршија со по четири гола во таборот на Вардар. Кај Веспрем, најефикасен беше Драган Гајиќ со пет гола, Дејан Манасков постигна три од три, сите во второто полувреме.
Следниот предвизвик за Вардар во ЛШ ќе биде дуелот со Рајн Некар Левен на 6 октомври во Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА