Вардар го победи Металург и го освои Супер купот

Вардар во новиот подновен состав стигна до првиот трофеј во новата сезона – победничкиот пехар во македонскиот Супер куп. Во првиот Супер куп на отворено, на теренот во Струга, вардарци славеше против Металург со 33-24  .

Металург како што најавија од деновиве, поради проблемите со лиценците,  настапи без трите странски засилувања (Мијатовиќ, Ќерими и Миличевиќ), а во составот од странците без само Халил Јагањац и АнтеТокиќ. Во првиот официјален натпревар во новата сезона, го немаше ни новиот тренер на Металург, Данило Брестовац кој остуствуваше поради обврските со кадетаската репрезентација на ЕХФ шампионатот во Тбилиси. Во остуство на Брестовац, Металург на Супер купот го водеше неговиот помошник, Оливер Димитриоски.

Вардар во првата официјална пресметка со Металург исто така беше во некомплетен состав во кој недостасуваа повредениот Игор Карачиќ, пикерот Рожерио Мораеш, повратникот кај „црвено-црните“, Сергеј Горбок и последното засилување, рускиот пикер Глеб Калараш.

Новиот плејмејкер на  Вардар, Словенецот Сташ Скубе беше стрелец  на првиот гол за вардарци. По воведното одмерување на силите и изедначената прва четвртина, Тимур Дибиров „се растрча“ на контри и вардарци направија серија од 5-0 со која се одлепија на +5 (11-6). Оваа дистанца „црвено-црните“ ја одржуваа до крајот на првиот дел и на одмор заминаа со водство од 16-10.

„Металурзи“ го почнаа второто полувреме со два гола во серија. Но, потоа вардарци повторно воспоставија целосна контрола, врзаа четири гола во серија и го зголемија водството на 20-12.

Последната четвртина беше само рутинско одработување на  работата и нешто што повеќе наликуваше на претсезонска контрола и воигрување на составите во кои во вториот дел шанса добија и помладите играчи од клупата. Вардар држеше контрола, Метлаург парираше во рамките на своите можности. Резултатот на крај беше очекувано убедлива победа и пехар за вардарци.

Тимур Дибиров го предводеше нападот на Вардар со осум гола, по четири постигнаа новаците Дмитри Кисељев и Сташ Скубе. За Металург по четири гола постигнаа Филип Кузмановски и Марио Танковски.

Се вчитува...