Двократниот европски шампион Вардар со победа на домашен терен над Тулуз од 37-35 на најдобар можен начин ја заврши европската авантура за оваа 2025 година.
Натпреварот почна израмнето па по пет минути игра на семафорот стоеше нерешено 3-3. Во следниот период исто така продолжи играта гол за гол, а по една третина од првото полувреме беше 6-6. Вардарци примија уште еден гол (6-7) по кој тренерот Иван Чупиќ се реши да го побара својот прв тајм-аут.
Ниту еден од двата тима никако не успеа да се одлепи и во следниот период, па во 20 минута се уште беше егал 12-12. Во финишот на првиот дел Французите беа првиот тим кој успеа да стигне до два позитива со погодокот на Илиќ од пенал во 29. минута (16-18), а токму со овој резултат се замина и на полувреме.
Тулуз го реализираше и првиот напад во второто полувреме и за првпат стигна до плус три 16-19. Во следниот период избраниците на Чупиќ ја стабилизираа играта и успеаја во 39. минута да се вратат во егал (22-22). Вардар продолжи да доминира на теренот, а со голот на Малус во 40. минута за првпат стигна до два гола предност (25-23).
Откако десетина минути ја одржуваа предноста од два гола, конечно ја пробија и границата од три позитива домашните со голот на Малус (32-29), на десет минути до крајот на мечот. Со помошта на верните навивачи Вардарци во следниот период играа како во транс, а во 55. минута за првпат стигнаа и до плус пет 36-31.
До крајот рутински беше приведен мечот од нашиот тим за конечни 37-35. Хорига и Малус со по осум гола беа први имиња во нашиот табор, додека кај поразените Фојтман постигна седум гола.
Вардар во вториот круг пренесува два бода (победа и пораз со Кристијанштад), а за противници таму ќе ги има германски Мелсунген и португалска Бенфика. Од оваа група првиот ќе оди директно во четвртфиналето, додека второ и трето пласираниот ќе играат осминафинале.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА



























