Ракометарите на Вардар со новата сезона ја започнаа со трофеј откако во драматичен натпревар со 32:31 го совладаа Охрид во дуелот од Супер купот на Македонија.
Со триумфот, вардарци ја прекинаа серијата од два минимални порази од Охрид на подготовките.
Охриѓани подобро го започнаа натпреварот, го отворија резултатот, а по пет минути игра поведоа со 1:4. Одговорот на Вардар беше мини серија од 3:0 со головите на Воркапиќ и Фадуил.
Потоа во следните десетина минути се играше гол за гол, се до 18-тата минута кога Охрид со два гола преку Мате и Стрмљан поведе со 8:10.
Но, до крајот на првиот дел, вардарци успеаја да се вратат во игра, во финишот на првиот дел, да поведат и на одмор да заминат со предност од два гола (17:15).
И во второто полувреме се играше црвсто на двете страни, а ниту една екипа немаше поголема предност од три гола (18:15). Охриѓани во 36-тата минута поведоа со 19:20 по голот на Јошида, а Стрмљан во 38-тата минута погоди за 20:22.
Резултатската неизвесност беше брзо вратена, во 40-тата минура Јанковски погоди за 22:22 по што во следните десет минути се играше гол за гол.
Во завршните десет минути подобро влегоа Охриѓани (25:27), но и за тоа црвено-црните имаа одговор кој дојде преку Воркапиќ, Љевар и Малус кои дадоа четири гола во серија за водство од 29:27 во 55-тата минута. Во последната минута од мечот по голот на Лиапис се влезе израмнето 31:31, а во следниот напад на вардарци, играчот на Охрид, Иванковиќ направи седмереце кој го реализира Воркапиќ за водство од 32:31 за Вардар.
Во последниот напад на Охрид, ударот на Стрмљан го одбрани Валах и му го донесе првиот трофеј во сезоната на Вардар.
Најдобар во редовите на Вардар беше Воркапиќ со 12 гола, Малус даде седум, а по три дадоа Љевар, Абделхак, Јанковски и Фадуил. Во редовите на Охрид, Лиапис беше најефикасен со шест гола, а по четири дадоа Стрмљан и Иванковиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
