Вардар ќе го добие пехарот, Работнички ги сака бодовите, ќе стават ли струмичките тимови „стоп“ на поразите?

Вардар ќе го добие шампионскиот пехар за минатата сезона која беше предвреме прекината поради пандемијата на коронавирусот, но оттогаш многу работи се променија во „црвено-црниот“ табор. Ростерот е значително променет, речиси се што вредеше си замина, затоа што спонзорот Сергеј Самсоненко го напушти клубот и порача дека нема веќе да финансира. Во фудбалот финансиите се секогаш многу важни, па сега реалноста на Вардар е да прима по четири гола од Силекс дома.

Вардарци ќе го добијат пехарот, ама Работнички сигурно ги сака бодовите од денешното градско дерби во кое има и улога на домаќин. Тимот на Ратко Достаниќ се крена по почетниот пораз и посакува да го земе скалпот на најтрофејниот македонски клуб. Колку и да е Вардар подмладен и неискусен, сепак, сите сакаат да го победат, а секако и да освојат бодови.

Ако некој лошо го стартуваше шампионатот во Првата лига, тоа дефинитивно се двата струмички прволигаши. Нанижаа по три порази и со „нула“ на контото влегуваат во денешните мечеви од четвртото коло. Академија Пандев сигурно очекуваше подобар старт, а тренерот Таневски и фудбалерите ќе мора да покажат многу повеќе на дуелот против Струга Трим Лум ако сакаат да ја прекинат лошата низа.

Беласица се врати во елитата, но засега не покажува силни знаци на живот. Денеска ја очекува тешко гостување во Ѓорче Петров, каде Македонија ЃП ретко ги препушта бодовите, иако Шкендија успеа да ги „открадне“ во минатото коло. Тренерот Жикица Тасевски силно ќе ги мотивира „лавовите“ да ја прекинат мини-низата од два порази, а на гости им доаѓа Робсон да Силва овојпат во дресот на Беласица.

Четвртото коло ќе биде развчелено до понеделник. Утре на програмата е мечот Шкупи – Пелистер, а два натпревари се закажани за в понеделник: Шкендија – Борец и Силекс – Ренова.

ДВОЈКИ ПРВА ЛИГА, 4.КОЛО (ДЕНЕСКА, 16.30 ч)

РАБОТНИЧКИ – ВАРДАР

АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ – СТРУГА ТРИМ ЛУМ

МАКЕДОНИЈА ЃП – БЕЛАСИЦА

ШКУПИ – ПЕЛИСТЕР (УТРЕ, 16.30 ч.)

СИЛЕКС – РЕНОВА (ПОНЕДЕЛНИК, 16.30 ч.)

ШКЕНДИЈА – БОРЕЦ

Се вчитува...