Вардар му даде 45 гола на Прилеп, но утре мора да патува за Струга

Вардар по денешниот лесен триумф над Прилеп од 45-21 ќе мора утре да гостува во Струга за да го обезбеди пласманот во завршниот турнир од Купот на Македонија. „Црвено-црните“ со години наназад ја преземаа организацијата на својата група за да се намалат евентуалните напорни патувања на ракометарите, но овојпат не го сторија тоа, па финалето од групата ќе мора да го играат на гостински терен во Струга.

Симон Калајџиески со девет гола беше прв стрелец на дуелот против прилепчани, а по седум пати меѓу стрелците се запишаа Дибиров и Чупиќ. Струга во второто полуфинале од оваа група славеше над Металург2 со 36-28. Тренчевски со седум гола ги предводеше стружани во оваа победа, како увертира за доаѓањето на Вардар во овој град.

Бутел направи џиновски чекор напред кон првиот Ф4 во историјата на скопскиот клуб откако во денешниот дуел триумфираше над Пелистер со убедливи 29-20. Ракометарите на Бутел во утрешното финале во својата сала ќе се сретнат со Тиквеш, тимот што во денешниот дуел славеше над Борец со резултат 40-31.

Се вчитува...