Вардар му се реваншира на Кјелце

Вардар со победа против Кјелце  со  28-27 го завршува првиот дел од Лигата на шампионите и се враќа на втората позиција во А групата. Македонскиот шампион беше доминантен на терен во текот на целиот натпревар и на најдобар начин му се реваншира на Кјелце за поразот на првиот меч во Полска. Ова е прва победа за вардарци во последните четири натпревари во ЛШ, но исклучително значајна во директната пресметка со Кјелце за второто место на табелата, зад Барселона.

„Црвено-црните“ сигурно го почнаа натпреварот, а до првата посериозна предност дојдоа во 12.минута од натпреварот кога реализираа серија од 4-0 и со погодокот на Тимур Дибиров поведоа со 6-3.

Во овој период од натпреварот, добра работа на голот на Вардар заврши Дејан Милосављев кој одбрани неколку зицери и успеа да го сопре налетот на гостите.

До највисоки +5, вардарци стигнаа на седум минути пред крај на првиот дел кога Игор Карачиќ реализираше за 12-7. До крајот на полувремето, Кјелце успеа малку да ја ублажи разликата и резултатот на полувремето беше 14-11 за Вардар.

На стартот од вториот дел, полскиот шампион дојде и на два гола разлика, но Даинис Криштопанс со два проектили одново го врати Вардар на сигурна дистанца.

Двете исклучувања на Глеб Калараш во првите десет минути од второто полувреме, не го нарушија ритамот на Вардар. „Црвено – црните“  добро се снајдоа и во ситуација со играч помалку на терен и ја одржуваа предноста од 3-4 гола, а во 41.минута се вратија и на +5 (21-16).

Со истата гол-предност вардарци влегоа и во завршната четвртина  по успешната реализација на Иван Чупиќ од седум метри. Вардар играше дисциплинирано, прецизно и имаше целосна контрола на играта.

Алекс Душебаев го држеше Кјелце во игра и во моментите кога на полскиот тим не му одеше најдобро во нападот. Притисокот на гостинскиот тим се засили во завршните петнаесетина минути кога Кјелце успеа да намали на 23-21, а потоа и на 24-22.

Во клучните моменти за Вардар, мирна рака имаше Иван Чупиќ и со два гола во серија, не му дозволи на Кјелце да приближи на гол негатива. Атмосферата се вжешти во завршницата на мечот, Лијевски доби исклучување, а Дисингер ја искористи ситуацијата да зголеми на 26-23.

На спротивната страна возврати Алекс Душебаев со неговиот шести погодок, а деветтата одбрана на Цупара на Кјелце му отвори нова шанса да дојде на гол негатива која успешно ја релизира Блаж Јанц и намали на 26-25.

Тоа беше сигнал за Роберто Парондо да побара тајм-аут и да ги врати вардарци повторно во ритам. Одговорноста во нападот ја презеде Дисингер, но неговиот удар заврши над пречката. Но, за среќа на Вардар, погрешија и гостите на другата страна во обид да дојдат до изедначување.

Во исклучително важен момент на три минути пред крај, Дисингер ја исправи грешката од претходниот напад и одновово го врати Вардар на +2. Но, на другата страна брзо возврати Лука Циндриќ.

На неполни две минути пред крај, Игор Карачиќ го постигна 28 гол за Вардар, а  победата на „црвено-црните“ ја спаси Калифа Гедбан со првата, но воедно и најважан одбрана на мечот.

Криштопанс со пет и Скубе со четири гола беа најефикасни во составот на Вардар. Кај Кјелце прв стрелец со пет гола беше Алекс Душебаев.

По ова коло следува пауза во Лигата на шампионите и периодот резервиран за репрезентативните настапи на СП 2019 во јануари. Натпреварите од групната фаза во ЛШ продолжуваат во февруари, а во првиот дуел по паузата Вардар ќе му гостува на Рајн Некар Левен.

Се вчитува...