Вардар на гости кај Монпелје, стариот против новиот шампион на стартот од ЛШ

Во ново издание, со промени и во составите и на клупите, двата македонски претставници, Вардар и Металург денеска ја отвораат новата сезона во Лигата на шампионите. И едните и другите првите натпревари ги играа на гостински терен. Вардарци ги очекува тешко гостување во Франција против актуелниот европски шампион Монпелје (17.30 ч.), Металург почетокот ќе го означи во дуелот со Спортинг во Лисабон (19.30 ч.).

Вардар има три победи во петте досегашни дуели против Монпелје во ЛШ, но францускиот тим го доби последниот, наважен дуел во полуфиналето нагодинашниот Ф4 турнирот во Келн (28-27). Тоа е доволен мотив за вардарци да му се реваншираат на Монпелје за поразот кој ги симна од европскиот трон.

Како загревање пред првиот голем предизвик во натпреварите од А групата во ЛШ, Вардар има три победи во серија во регионалната СЕХА лига. Во победничка серија е и Монпелје со две победи во францускиот Трофеј на шампионите и две во првите два натпревари во француската лига.

„Не го делам мислењето дека Вардар е многу сменет во однос на лани, освен, се разбира, тренерот и голманот. Ќе видиме дали во овој состав може да ни предизвика проблеми или не. Вардар има искусен тим, беше победник во 2017, полуфиналист во 2018…Ќе биде тешко“ – вели тренерот на Монпелје, Патрис Канаје.

Најголемата промена во Вардар сепак, е на клупата на која Роберто Гарсија Парондо кој го наследи Раул Гонлзалес и денеска ќе го има своето тренерско деби во Лигата на шампионите, наспроти Канаје кој е повеќе од две децении на клупата на Монпелје и има две титули во ЛШ.

Парондо на стартот од сезоната во ЛШ во составот поради повреди ги нема капитенот Стојанче Стоилов и повратникот Сергеј Горбок. Проблеми со повредите има и Патрис Канаје кој во утрешниот дуел не може да смета на левиот бек Матие Гребиј.

Покрај Вардар и Монпелје во „пеколната“ А група од ЛШ се уште и Рајн Некар Левен, Веспрем, Кјелце, Барселона, Мешков Брест и Кристијанштад.

Се вчитува...