Вардар на гости во Нант – дерби за четвртфинале во Лигата на шампионите

Прва меч топка за второ директно четвртфинале по ред во Лигата на шампионите имаат ракометарите на Вардар во денешниот дуел со Нант (17 ч.) на гостувањето во Франција. На две кола пред крај на групната фаза во ЛШ, Вардар е на првата позиција во групата А со 20 бода, а Нант е трет со 17. Меѓу нив е Барселона со 18 бода, но и со одигран натпревар повеќе. На „црвено-црните“ и еден бод во денешниот меч им е доволен за да ја потврдува првата позиција во групата и пласманот во четвртфиналето на ЛШ.

На Нант пак, ни победа не му врши работа до крај. Нант има шанса, но и многу потежок пат до четвртфиналето, по неочекуваниот пораз од ППД Загреб во претходното коло. Францускиот тим во кој од оваа сезона настапува македонскиот капитен Кирил Лазаров, има осум победи, три порази и едно реми во натпреварите од групната фаза и дури ни со победа во денешниот дуел не му е е сигурно првото место, но тимот предводен од Теири Анти, само со триумф останува во игра за врвот.

На првиот натпревар во Скопје, Вардар го победи Нант со 27-23. Тренерот на Нант во пресрет на денешниот натпревар, потсетувајќи на обвој дуел најави уште еден добар и неизвесен натпревар против европскиот шампион.

„Не смееме да го заборавиме првиот меч. Нашата објективна цел е да бидеме во првите шест екипи што продолжувата во следнат фаза. Играме против шампионот на Европа. Тоа ќе биде навистина убав натпревар што ќе им го понудиме на нашите гледачи. Имаме три тешки натпревари пред нас во краток рок, но, денеска ќе играме максимално, бидејќи ние не балансираме. Обично, не ми се допаѓа многу правењето пресметки и калкулации. Во јануари имав време, ги направив тие пресметки и на крај не најдов ништо“ – вели тренерот на Нант, Тиери Анти.

За денешната пресметка со Вардар, во составот на Нант го нема Лазаров кој се уште паузира поради повредата на задната ложа што ја доби за време на ЕП во Хрватска. На другата страна, Раул Гонзалес против Нант ќе настапи без повредениот Иван Чупиќ.

Се вчитува...