Вардар на мегдан со РНЛ: Битката е загубена, но се игра за сопствената чест

Ракометарите на Вардар денеска со почеток во 16 часот му гостуваат на Рајн Некар Левен, во реванш дуелот од квалификациите за влез во групната фаза од Европската лига на ЕХФ. Патникот во следната рунда е веќе познат откако германскиот гигант го доби првиот меч во Скопје со убедливи 25-34, па денешниот реванш е само потврда на пласманот на „лавовите“ во групите од ова европско натпреварување.

Вардар летово врти нов лист, клубот го напуштија неколку клучни играчи, на нивно место пристигнаа млади и перспективни ракометари кои допрва ќе се докажуваат во црвено-црниот дрес. Битката кога станува збор за овој европски двомеч е загубена, но на сите во таборот на „црвено-црните“ им е јасно дека тоа не смее да значи излегување на терен со бело знаме во Манхајм, туку ќе мора да се одигра максимално, за честа и реномето на двократниот европски првак.

Во таборот на РНЛ се свесни дека групната фаза е блиску, но и најавуваат дека ќе бидaт внимателни за да не дозволат да бидат непријатно изненадени од „вардарци“.

„Ќе мора да се обрне ососбено внимание на Јасухира и на Лазаревски. Јапонскиот среден бек и корпулентниот пивот им создадоа многу проблеми на лавовите на првиот меч. Згора на тоа, Вардар нема што да загуби, па со храбра игра може да изненади. Затоа, ќе мора да се остане максимално внимателен за да се направи последниот чекор кон групната фаза во Лигата на Европа“, се вели во анализата на противникот објавена на официјалната веб-страница на РНЛ.

Се вчитува...