Вардар на реванш со Барса во неосвоената „Блауграна“

Вардар денеска (19 ч.) во култната „Блауграна“ ќе се обиде да и се реваншира на Барселона за минатонеделниот пораз во Скопје и одново да се врати во победнички ритам во Лигата на шампионите. Пред вардарци и пред Роберто Парондо стои тешка задача и голем предизвик да се најде најдоброто решение за офанзивата на Барселона која има серија од шест победи по ред во ЛШ.

„За да се добие екипа како Барселона грешките мора да бидат сведени на минимум. Се надевам дека на натпреварот во Барселона ќе бидеме многу подобри“ – истакна Роберто Парондо.

Дополнителен проблем за „црвено-црните“ е и отсуството на пикерот Рожерио Мораеш кој деновиве имаше операција на коленото и предвреме заврши со настапите за оваа година. На вардарци не им оди во прилог ни статистиката во меѓусебните дуели со најтрофејниот европски клуб. Во 14 досегашни средби во ЛШ, Вардар има само две победи и никогаш досега не успеал да освои бодови во „Блауграна“.

На другата страна, Барселона има серија од 24 победи на домашен терен, добар ритам, лидерска позиција во групата и фаворитска улога во денешниот меч, што како што предупреди тренерот Чави Пасквал, може да биде и меч со две острици.

Натпреварот ќе биде многу сложен бидејќи се создаде еден амбиент дека победата е готова работа, а тоа воопшто не е така. Ние имаме голем респект за Вардар. Тоа ќе биде натпревар со многу борбеност“ – потенцираше тренерот на Барселона.

Каталонскиот тим и на гостувањето во Скопје потврди дека сезонава е добро покриен на сите позиции. Најголема опасност во нападот доаѓа од францускиот десен бек, Дика Мем и од Арон Палмарсон на плејмејкерската позиција. Во одбраната, Барса имаше добро решение за вардарци, а голема доза на сигурност носи и голманот Гонзало Перез де Варгас.

Се вчитува...